Израелската армија денеска ги засили нападите врз најголемиот град на југот на Појасот Газа и бегалскиот камп во централниот дел на палестинската територија, а беше објавено дека во 11-те недели војна загинале над 21.000 луѓе.
Поради продолжувањето на воздушните напади и проширувањето на воените операции на југот, Светската здравствена организација (СЗО) синоќа предупреди дека населението во Газа е во „тешка опасност“, а францускиот претседател Емануел Макрон повика на долгорочен прекин на огнот.
Портпаролот на израелската армија Даниел Хагари изјави дека бомбардирањето на бегалскиот камп трае веќе три дена и дека уште една бригада е распоредена во Кан Јунис, кој исто така е во центарот на жестоките улични борби.
Тој навести и можно „северно ширење на конфликтот“ долж либанската граница, каде што размената на оган меѓу израелската армија и екстремистите на Хезболах не престанува од почетокот на војната во Појасот Газа.
За време на обиколката на границата во средата, началникот на израелскиот Генералштаб Херци Халеви рече дека армијата „одобрила планови за различни непредвидени ситуации“ и дека треба да биде подготвена за напад.
Израелските лидери постојано најавуваат дека ќе продолжат со напорите за уништување на Хамас како одмазда за ненадејниот напад врз јужен Израел на 7 октомври, во кој загинаа 1.140 луѓе, главно цивили, според податоците на агенцијата Франс прес врз основа на израелски информации.
Палестинските екстремисти тој ден зедоа околу 250 заложници во Газа, од кои 129 се уште се во заробеништво.
Во немилосрдното израелско бомбардирање и последователната копнена офанзива во Појасот Газа, според податоците на тамошното министерство, загинале 21.110 лица, главно жени и деца.
Утринава израелската армија ја потврди смртта на уште тројца војници и дека вкупниот број на жртви во копнената офанзива се искачи на 167.
Повиците за прекин на непријателствата стануваат се почести, а во синоќешниот телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претседателот на Франција ја нагласи потребата да се „работи кон траен прекин на огнот“ и ја изрази својата „најдлабока загриженост за многу големиот број на цивилни жртви“ во Газа, според неговата канцеларија.
Во соопштението се додава дека Франција во наредните денови ќе соработува со Јордан во хуманитарни акции на палестинска територија.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, исто така, го повтори својот повик за прекин на огнот и повика да се преземат мерки бидејќи е загрозена способноста на хуманитарните работници да им помогнат на сериозно ранетите луѓе, додека владее глад и постои сериозен ризик од болести.
Војната ги зголеми стравувањата од поширок регионален конфликт поради смртоносната размена на оган меѓу израелската војска и либанскиот Хезболах и неодамнешните напади на јеменските бунтовници Хути врз бродови во Црвеното Море во знак на солидарност со владејачкиот Хамас во Газа.
Сите три екстремистички организации се поддржани од Иран.
Израел сака Хезболах, за кој вели дека напаѓа израелски цели како поддршка на Хамас, да се повлече од границата и се заканува дека ќе ја постигне таа цел со голема сила доколку е потребно.
Во меѓувреме, Иранската револуционерна гарда предупредува дека таа или нејзините сојузници ќе преземат директна акција за да се одмаздат за убиството на командантот Рази Мусави, убиен оваа недела во ракетен напад во Сирија, за што е обвинет Израел.
Денеска израелската војска објави дека беспилотно летало паднало во село во делот на Голанската висорамнина окупирана од Израел, а одговорност за нападот ја презеде ирачка фракција блиска до Хамас.
Насилството се засили и на Западниот Брег, каде што израелските војници и еврејските доселеници убија повеќе од 310 Палестинци од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври.
Синоќа и утринава продолжија воените операции во Џенин и Рамала и најмалку еден Палестинец е убиен, а 14 се ранети, јавуваат палестинските медиуми.