Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ѝ нареди на израелската армија да постави звучници низ целиот Појас Газа, за да може неговиот говор на Генералното собрание на ОН да се емитува во живо пред палестинското население, објавија израелските медиуми.
Според Канал 12, војската изразила противење на наредбата, бидејќи таа би барала од војниците да ги напуштат своите позиции и да влезат во областите на Појасот Газа, ставајќи ги во зголемен ризик да бидат цел на оперативци на Хамас.
Весникот „Хаарец“ објави дека војската ќе ја спроведе наредбата на премиерот и се подготвува да го емитува говорот на Нетанјаху низ цела Газа.
Воен функционер изјави за еден израелски весник дека овој потег е чин на психолошка војна, објави „Тајмс оф Израел“.
Говорот на Нетанјаху е закажан да започне во 16 часот по израелско време и се очекува првенствено да се фокусира на критика на признавањето на независна палестинска држава од страна на Западот, според порталот.