Додека САД и Иран се обидуваат да зацврстат прекин на огнот, Израел зема сè повеќе територија од своите соседи како подготовка за долготраен конфликт низ Блискиот Исток, објави денес Ројтерс.
Создавањето тампон зони од страна на Израел во Газа, Сирија, а сега и во Либан, одразува стратешки потег по нападот од 7 октомври 2023 година, кој ја става земјата во полутрајна воена состојба, изјавија за Ројтерс шест израелски воени и одбранбени претставници.
Тој пристап ја одразува реалноста, тврдат соговорници на британската агенција, наведувајќи дека по две и пол години конфликт, е јасно дека иранското религиозно раководство, Хезболах во Либан, Хамас во Газа и разни милиции во регионот не можат целосно да бидат елиминирани.
Висок израелски воен претставник, кој зборуваше под услов да остане анонимен за да разговара за безбедносната ситуација, рече дека целта е да се „исчисти“ дел од 5 до 10 километри по границата, ставајќи ги израелските градови надвор од дометот на оган од Хезболах.
Тој исто така тврди дека израелската армија пронашла докази во либанските села по должината на границата дека речиси 90 проценти од куќите содржеле оружје и опрема поврзана со Хезболах.
Пензионираниот бригаден генерал на ИДФ, Асаф Орион, објасни дека создавањето тампон зони е новата безбедносна доктрина на Израел.
– Веќе не чекаме напад дома. Тампон зоните гледаат закана и напаѓаат превентивно, нагласи тој.

