Војната на Израел против Хамас во Газа ќе трае „повеќе од неколку месеци“, изјави министерот за одбрана Јоав Галант пред високи американски претставници во Тел Авив во четвртокот.
„Тие изградија подземна и надземна инфраструктура и не е лесно да се уништи“, рече Галант за време на разговорот со американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан.
„Ќе биде потребно време – ќе потрае повеќе од неколку месеци, но ние ќе победиме“, рече Галант.
Тој им се заблагодари на САД за континуираната помош за Израел и напорите за ослободување на заложниците киднапирани од Хамас во нападот врз Израел на 7 октомври.
По средбата, Саливан се сретна со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и со други членови на воената влада.
САД разговараа со израелското раководство за можна транзиција кон воени операции со „помал интензитет“ во Газа, објави Белата куќа.
Директорот за комуникации на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби, рече дека Саливан разговарал за „можната транзиција од она што би го нарекле операции со висок интензитет, како што гледаме дека го прават сега“, на операции со помал интензитет.
„Но, не сакам да ставам временски печат на тоа“, додаде тој. Кирби не кажа како би можела да изгледа таа операција.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека сака Израел да се фокусира на тоа како да спаси цивилни животи во Газа.
„Сакам да бидат фокусирани на тоа како да спасат цивилни животи, да не ги запираат нападите против Хамас, туку да бидат повнимателни“, рече Бајден.
На прашањето за времетраењето на војната, Кирби рече дека САД не им диктираат на Израелците колку долго треба да трае војната.
Во четвртокот, Израел продолжи да го гаѓа појасот Газа и покрај интензивните меѓународни повици за заштита на цивилите и ширење на смртоносни болести меѓу раселените жители.
Во нападите израелската армија убила најмалку 18.600 луѓе, а ранила 50.000, тврди Министерството за здравство во Газа.
Истражувањето на јавното мислење во Израел покажа дека граѓаните не сакаат армијата да ја запре офанзивата за уништување на Хамас и покрај повикот на Генералното собрание на ОН за прекин на огнот, зголемениот список на воени жртви и зголемениот број на палестински жртви во Газа.