Израелската армија денеска соопшти дека нападнала воени цели на милитантната исламистичка организација Хезболах во пограничната област со Либан.
Израелската војска (ИДФ) соопшти дека нападите биле извршени како одговор на нападите врз Израел во изминатиот ден.
Според ИДФ, девет ракети биле лансирани од Либан, поради што се огласиле сирените во Кирјат Шмона и неколку околни населби.
Војската соопшти дека четири проектили биле пресретнати од системот за воздушна одбрана „Железна купола“.
Најмалку една ракета падна во град на северот на земјата, но нема повредени или материјална штета.
Рано утринава, две села во јужен Либан, Кафр Шуба и Одаисех биле цел на израелски воздушни напади, јавуваат локалните медиуми, а пренесува Ројтерс.
ИДФ во средата соопшти дека извршила напад со беспилотно летало против терористичка ќелија, која истрелала минофрлачки гранати од Либан кон областа Малкија на границата.