Амбасадорите на Соединетите Американски Држави и Велика Британија во Јапонија нема да бидат во Нагасаки за да ја одбележат 79-годишнината од нападот со атомска бомба врз градот од Америка во Втората светска војна.
Претставниците од Велика Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, САД и Европската унија рекоа дека тоа е „резултат на ставањето на Израел на исто ниво со земјите како Русија и Белорусија“, кои исто така не беа поканети на церемонијата за третата година по ред, пренесува Kyodo.
Извор запознаен со случајот рече дека американскиот амбасадор во Јапонија Рам Емануел рекол дека повеќе нема да присуствува на мировната церемонија во Нагасаки „како одговор на градот што не го покани Израел“.
Дека нема да биде на церемонијата најави и британската амбасадорка во Јапонија, Џулија Лонгботом, бидејќи не се согласува со одлуката на градот за Израел.
Како што беше претходно објавено, пратениците од Америка и другите западни земји испратија писмо до градот Нагасаки во кое изразија загриженост поради тоа што градот не го покани Израел на церемонијата на годишнината.
Во писмото од 19 јули, во пресрет на официјалната одлука на Нагасаки, се забележува дека на Америка и западните земји „ќе им биде тешко да учествуваат на тој настан доколку Израел биде исклучен“, пренесува Кјодо.
Градоначалникот на Нагасаки, Широ Сузуки, пред една недела изјави дека Израел не бил поканет од безбедносни причини и дека тоа не е политичка одлука.
Американскиот конзулат во Фукуока соопшти дека неговиот главен офицер, Чука Асике, ќе ја претставува Америка на церемонијата во Нагасаки, и дека Емануел наместо тоа ќе присуствува на мировната церемонија во храмот Зојоџи во Токио во петок, соопшти американската амбасада.
Хирошима, која одржа сопствена церемонија во вторникот по повод 79-годишнината од атомското бомбардирање на градот, имаше поинаков пристап од Нагасаки, дозволувајќи му на Израел да биде присутен.
Одлуката предизвика протести, вклучително и настан на кој присуствуваа околу 100 луѓе во Меморијалниот парк на мирот во Хирошима, истата вечер со церемонијата на годишнината, пренесува Танјуг.