Израел започна тестирање на деца на возраст меѓу три и дванаесет години за антитела на Ковид-19, сакајќи да испита колку од нив развиле имунитет на коронавирус без вакцини пред почетокот на учебната година.
И покрај зголемувањето на бројот на новозаразени со делта сојот, израелската влада инсистира дека сака да избегне повторно затворање на училиштата.
Израел веќе започна да вакцинира деца на возраст од 12 и повеќе години.
Националното серолошко истражување се фокусира на деца на возраст од три до дванаесет години, кои не можат да ја примат вакцината поради нивната возраст, а во Израел има 1,5 милиони.
Целта е да се открие колку деца развиле силна заштита од антитела откако го совладале вирусот без симптоми, соопшти Министерството за образование.
Децата со доволна количина на антитела нема да мора да бидат ставени во карантин по контакт со заразените.
Во изјавата, градоначалникот на Ерусалим, Моше Леон, ги повика родителите да ги донесат своите деца на бесплатен 15-минутен тест што се прави со вадење крв од прст.
Истражувањето е спроведено заедно од министерствата за здравство и образование и армијата.
На една од локациите во крајбрежниот град Нетанја, Израелката Зохар била пријатно изненадена кога дознала дека нејзиниот син се заразил со Ковид-19.
„Мојот син доби позитивен резултат на антителата. Очигледно беше болен и ние не го знаевме тоа”, рече таа за агенцијата Франс прес.
„Тоа значи дека тие сега ќе добијат зелен сертификат и ќе можат безбедно да одат на училиште“, додаде таа.
Нејзината помлада ќерка, исто така тестирана во неделата, немаше антитела.
Податоците покажуваат дека една петтина од децата развиле антитела
Пилот програмата спроведена минатата недела, која беше главно фокусирана на православните еврејски заедници, покажа дека околу една петтина од децата развиле антитела, објави военото радио во неделата.
Генералниот директор за образование Јигал Словик минатиот месец рече дека затворањето на училиштата минатата година предизвика „емоционална и социјална штета“ на учениците.
Израел беше една од првите земји што започна со вакцинирање на населението минатиот декември, постигнувајќи договор со Pfizer за набавка на милиони дози вакцини во замена за споделување информации за нивната ефикасност.
Таа кампања беше поздравена како успешна бидејќи драстично го намали бројот на заразени, но Израел повторно запишува илјадници нови случаи дневно.
Израел сега нуди трета доза вакцина за сите постари од 40 години, паралелно повикувајќи ги и оние кои не се вакцинирани да го сторат тоа.
Во моментов, повеќе од 5,4 милиони од приближно 9,3 милиони луѓе во Израел се вакцинирани со двете дози, а 1,2 милиони ја примиле третата доза.