Израелската армија денеска ја започна операцијата „Железни мечеви“ како одговор на ненадејниот напад на Хамас врз Израел.
Десетици борбени авиони вршат напади врз цели на екстремистичката исламска организација.
Воениот портпарол Даниел Хагари изјави дека од 6 часот и 30 минути наваму над 2.200 ракети биле истрелани кон Израел и дека „терористите“ влегле во Израел од копно, море и воздух, а на седум места избиле судири со израелските војници.
Во еден од тие судири е убиен и претседателот на Регионалниот совет на Ханегев, Офир Либенштајн, соопштија локалните власти.
„Тој е убиен додека одел да ја брани населбата за време на терористички напад“, се вели во соопштението.
Жител на кибуц во близина на Појасот Газа изјави за ТВ Канал 12 дека жителите се забарикадирани во своите домови и ги повикал војниците на помош, дека има ранети и дека куќите горат.
Се очекува армијата да мобилизира десетици илјади војници како одговор на нападот на Хамас.
Војската допрва треба да одговори на извештаите дека некои војници се киднапирани откако беше објавена снимка во Појасот Газа, на која се чини дека е безживотното тело на еден војник, а друг влечен по пат од екстремисти со мотор.
Лидерот на военото крило на Хамса, Мохамед Деиф, се закани дека „ќе ја запали земјата под нозете на окупаторите“, тврдејќи дека од утринава врз Израел биле истрелани над 5.000 ракети.
Насилството ескалира во деликатно време за екстремно десничарската влада на Израел, бидејќи масовните протести против контроверзниот план за реформи во судството се проширија и во армијата.
Протестите најавените за вечерва се откажани, а група резервисти кои исто така протестираа упатија апел до сите кои се должни „без двоумење“ да се јават на смена.