Веднаш по убиството на политичкиот лидер на милитантната група Хамас, Исмаил Ханије, Израел ги известил САД дека стојат зад убиството, објави „Вашингтон пост“, повикувајќи се на три извори од Белата куќа, кои зборувале под услов на анонимност.
Според весникот, претставниците на администрацијата на Бајден биле огорчени од одлуката да се убие Ханије, бидејќи биле загрижени дека тоа би можело да ги попречи повеќемесечните преговори за примирје во Газа.
Јахја Синвар, за кој се верува дека е мозокот на нападот на 7 октомври, го замени Ханије на местото политички лидер на Хамас.
Аналитичарите забележаа дека, за разлика од Синвар, за кој се верува дека се крие во тунелите под Газа, Ханије живеел во Катар и патувал во странство, продлабочувајќи го прашањето зошто Нетанјаху избрал да го убие лидерот додека бил во Техеран.
„Зошто да се убие Ханије на начин што ќе ги принуди Иранците да одговорат“, праша поранешниот американски претставник во Израел Денис Рос.
Весникот наведува дека американските власти се исто така огорчени што Израел не ги известил пред да започне операции за убивање на ирански команданти или команданти на Хезболах.
Анонимен израелски функционер, цитиран од весникот, потврдил дека телефонскиот разговор меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и американскиот претседател Џо Бајден минатата недела бил „напнат“, пренесува Танјуг.