Израел го гаѓаше Дамаск, двајца цивили загинаа

Сподели со своите пријатели

Израел денеска истрела неколку проектили врз позициите на сириската армија во близина на главниот град Дамаск, при што загинаа двајца цивили, а причинета е материјална штета, соопшти сириското Министерство за одбрана.

Министерството соопшти дека израелските воени авиони кои летаат над соседен Либан истрелале ракети врз Сирија.

Се додава дека сириската воздушна одбрана соборила поголем дел од проектилите.

Сириското министерство не соопшти повеќе детали за нападот, ниту како загинале цивилите.

Израелската армија не го коментираше последниот напад.

Израел изврши стотици воздушни напади врз цели во деловите на Сирија под контрола на Дамаск за време на 10-годишната граѓанска војна и ретко презема одговорност за таквите операции.

Нападот дојде две недели откако тројца сириски војници беа убиени во израелски напад во близина на Дамаск.