Во Уметничката галерија во Куманово утре со почеток во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба “ИНИТ” на ликовниот уметник Ивона Тричковска.
Ликовниот проект „ИНИТ“ нуди екстензивен пристап во поставување на монументални сликани платна со кои што треба да се совлада галерискиот простор и каде што поединечното се акумулира и вообличува во единствен ликовен, просторен и семантички континиум. На тој начин овој проект не претставува само стандардно ликовно искуство, туку и концептуално пречекорување на ликовното во едно проширено поле на знаковни, просторни и мисловни слоеви на уметничкиот исказ. Смислата на овој ликовен јазик не е во поединечното, туку во обединувањето во една непрекината исказна и изразна целина.
Во ликовниот израз на “ИНИТ” има своевидна инсценација и инспирација од впечатливата визуелна „драма“ што извира од архаичната, руинираната сликовитост на напуштените објекти чии ѕидови поседуваат една непосредувана питорескност на спонтаност и негибната објективност на реалноста. Стилизацијата на објектност, случајност и спонтаност е она што ги поврзува и прави сродни сите овие јазични модели на кои што припаѓа авторскиот ликовен израз, кој не оди до крајната безформност, туку осцилира меѓу случајноста и авторската интервенција, играјќи по стрмните рабови и провалии меѓу формалното и безформното, меѓу смислата и бесмислата.