Изложба на класични автомобили – „олдтајмери“ во сабота ќе се одржи на градскиот плоштад во Куманово со почеток од 11 часот.
Како што информираше Стефан Трендафиловиќ, претседател на клубот „Олдтајмер Витези“ кое е организатор на настанот, интересот е голем и пријавени се околу 100 возила досега.
– Моментално се 100 пријавени. Имаме пријавени од цела Македонија, Србија, Хрватска и од Босна и Херцеговина. Ова е шеста изложба за клубот, имаме правено изложба и во Крива Паланка за Велигден, што исто така станува традиционален собир што ние го организираме, изјави Трендафиловиќ.
Тој ги повика јубителите да дојдат на градскиот плоштад во сабота од 11 часот, а граѓаните ќе можат да ги видат изложените автомобили до 15 часот.
Марко Кузмановски, член на клубот, вели дека интересот е голем, а целта е од година во година настанот да станува помасовен и со учесници и со посетители.
– Интересот би требало да биде голем со оглед дека времето би требало да не послужи. Интересот кај граѓаните е секогаш голем, исто како и кај ентузијастите што возат класични возила. Нормално луѓето си ги сакаат своите автомобили, луѓето ги сакаат старите автомобили, па интересот е голем. Пријавени се околу 100 возила и ова има можност да биде еден од најголемите собири во Македонија досега, изјави Кузмановски.
Изложбата се организира по трет пат по повод празникот „11 Октомври“, Денот на македонското востание.
Никола Ивановски