Изложбата на фотографии со кои се документира старо и ново Куманово, ќе биде отворена во четврток, на 26 декември, годинава во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ со почеток во 19:00 часот. Кумановци ќе имаат можност да ја проследат и промоцијата на фото албум со разгледници изработени во рамки на проектот #Култура за Куманово #Куманово за Култура.
Целта на изложбата, посочија од здружението„АктивУм“ е афирмација на локалната култура, традиција, но и урбаното живеење и секојдневие во Куманово низ објективот на фотографите.
Љубителите на уметноста ќе можат да видат 20 фотографии кои го прикажуваат Куманово од поинаков објектив, преку улична фотографија. Фотографиите се дел од проектот и конкурсот кој беше реализиран во рамки на проектот на кој се пријавија 181 фотографија од фотографи од државата и надвор од неа. Стручното жири составено од професионални фотографи направи избор од 20 фотографии, меѓу нив и трите прогласени за најдобри кои парично беа наградени. Фотографиите ќе можат да се видат на изложбата во четврток.
На изложбата ќе биде промовиран и Фото албум со разгледници од најдобрите дваесет фографии. Фото албумот ќе даде придонес за културна промоција на градот Куманово во земјата и надвор од неа и претставува запис за сите нас и за генерациите кои доаѓаат, велат од здружението.
– Општина Куманово претставува не само најголема општина во Македонија, туку и општина со најхетерогена популација која вкрстува различни етнички, верски и културни обележја. Низ историјата Куманово било крстопат на движење и населување на различни народи и националности кои оставиле свој траг во неговото културното наследство. Годинава градот Куманово слави 500 години постоење и воедно е Град на Културата. Преку организирањето на изложбата и изработката на Фото албумот со разгледници од старо и ново Куманово, Граѓанскиот центар АктивУм дава свој придонес во одбележувањето на јубилејот на градот Куманово- соопштија надлежните од здружението.

Изложбата ќе биде отворена до 10 јануари наредната година.
Изложбата е дел од проектот #Култура за Куманово# Куманово за култура, поддржан од Регионалната програма за локална демократија во западен Балкан (ReLOaD), финансирана од Европската унија, а спроведувана од Програмата за развој на Обединети нации (УНДП) и ко-финансирана од општина Куманово