Куќа лоцирана на улицата „Ѓорче Петров“ во кумановската населба Перо Чичо вчера изгоре во голем пожар, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Во 08:50 часот пожарот бил пријавен во Територијалната противпожарна единица Куманово од каде со две противпожарни возила и шестмина пожарникари веднаш излегле на терен и со пламените јазици се бореле до 10:50 часот.
Била причинета материјална штета, но причината за избувнување на огнот е непозната.
Во попладневните часови пак биле опожарени напуштени простории на поранешниот Пионерски дом лоциран на улицата „Кирил и Методиј“. Пожарот кој избувнал околу 16:05 часот го гаснеле шестмина пожарникари со вкупно две возила.
Пожарот предизвикал поголема материјална штета, но причините за избувнување исто така засега не се познати.

