Изгореа 10 хектари сува трева и драка во Довезенце, во Ново Село пеплосана семејна куќа

Сподели со своите пријатели

Припадниците на Територијалната противпожарна единица Куманово изминатото деноноќие бележи две интервенции во своето работење во атарот на селата Довезенце и Ново Село, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.

Вчера во 12:30 часот кумановските пожарникари добиле повик за пожар во атарот на селото Довезенце, при што четворица пожарникари со едно противпожарно возило веднаш се упатиле на терен и со часови се бореле со пламените јазици. Пожарот зафатил површина од 10 хектари сува трева и драка. Пожарникарите конечно успеале да го ликвидираат пожарот во 17:30 часот. Причините за негово избувнување не се познати.

Втората интервенција ја бележат во 18:20 часот кога во атарот на Ново Село се запалила семејна куќа, а од пламените јазици изгорел и помошен објект. На терен веднаш излегле шестмина пожарникари со две противпожарни возила и огнот го локализирале некаде околу 20 часот. Причина за настанување на пожарот како и висина на материјалната штета допрва ке се утврдува.