На оваа седница Владата донесе Уредба со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територијата на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба.
Во Член 1 од Уредбата се вели дека за време на постоење на вонредна состојба прогласена во државата, по претходно прибавена листа од Министерството за надворешни работи на пријавени патници, македонски граѓани со моментален престој во странство се организира авионски превоз со цел пренесување на македонските граѓани на територија на Република Северна Македонија.
Членот 2 утврдува дека за авионскиот превоз на македонските граѓани со моментален престој во странство Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија објавува јавен повик по дестинација и број на патници врз основа на доставените листи од страна на Министерството за надворешни работи, со цел прибирање на понуди за чартер летови од градовите во Европа до Република Северна Македонија.
По објавување на јавниот повик од страна на Генералниот секретаријат крајниот рок за прибирање понуди е 12 часа од моментот на објавување на повикот. Критериум за доделување на договор за јавна набавка е најниската цена.
Генералниот секретаријат ќе склучи договор и ќе изврши плаќање на избраната најповолна понуда врз основа на дадениот критериум за избор.
Во Членот 3 од Уредбата со законска сила за организирање авионски превоз на македонски граѓани со моментален престој во странство на територијата на Република Северна Македонија за време на вонредна состојба се утврдува дека лицата при влез во авионот потпишуваат договор помеѓу нив и Владата на Република Северна Македонија во кој гарантираат дека ќе ја исплатат сумата определена за авионскиот билет на сметка на Владата на Република Северна Македонија и пополнуваат Изјава дека се согласни по пристигнување на територија на Република Северна Македонија да бидат сместени во објектите за државен карантин во траење од 14 дена.
Лицата ќе бидат превземени од Меѓународниот аеродром Скопје, со организиран превоз до местата определени за државен карантин.
Лицата кои ќе патуваат имаат рок од 15 дена од денот на пристигнувањето да извршат уплата на сумата за авиобилетите на сметка согласно склучениот договор.