Изгласан финансискиот извештај на ЈП „Водовод“

Сподели со своите пријатели

Советниците на Советот на Општина Куманово на денешната 64-та седница го изгласаа финансискиот извештај на ЈП „Водовод“ при што директорот иако посочи дека тоа е негов последен извештај, подоцна ни појасни дека не станува збор за негово повлекување од функцијата, туку дека станува збор за последна седницана советот, а со тоа и негов последен извештај пред овој советнички состав.

Извештајот остана во сенка поради дискусијата која се водеше за неодамнешниот проблем со пукање на главната водоводна цевка за снабдување на високите зони од градот, а лоцирана во селото Проевце. Стојковски истакна дека екипи веќе се на терен и по завршување на проценките наскоро ќе започне заменување на полиетиленската цевка со челична цевка.

Во извештајот од 2016 прва точка е замена на полиетиленската цевка. Фирмата е на терен, се врши проценка и ќе започне замената. Зошто биле направени пропусти при нејзиното поставување е прашање з анекој друг градоначалник и за некој друг директор на ЈП „Водовод“. Оштетени се две возила, оранжер за домати и поплавени некоку подруми. Штета ќе биде надоместена, како и секоја друга нанесена од јавното претпријатие – изјави Стојковски.

Тој посочи дека старите долгови направени пред низа години и натаму се провлекува во работењето на ЈП „Водовод“. Станува збор, како што посочи Стојковски за нереален долг поради високата цена од ЈП „Водостопанство Кумановско-липковско поле“ за сурова вода. ДоОлгот изнесува 80 милиони денари, но и долг за електрична енергија.

Има долг од 65 милиони денари за неплатена електрична енергија. Тоа е реален долг што треба да се плати. Напревен е договор со ЕВН да се исплаќа на 100 рати без камата и со сегашното работење можеме да ги исплаќаме тековните сметки и тој долг – посочи директорот Стојковски.

Се осврна и на проектот за замена на водомери кои треба да ја намалат загубата на вода и посочи дека уште во 2014 година е добиена согласност од Европската инвестициона банка, меѓутоа добивањето на средствата било условено од страна на Министерството за транспорт и врски со изготвување на тендерска документација за водоводна мрежа во селата Пчиња и Романовце. Истата била изготвена, но и покрај тоа веќе над година дена средствата не се одобрени.

Во неговото излагање беше прекинат од страна на претседателот на Советот, Александар Арсиќ кој го опомена за предолго излагање.

Гледам дека брзате за некои други работи, па ако водоснабдувањето на граѓаните не ви е важно тука ќе го прекинам своето излагање – рече Стојковски кој во истиот момент го исклучи својот микрофон.

Финансискиот извештај и годишните сметки беа изгласани на седницата, а пофалби за целосна документираност и посветеност во изготвувањето на истите беше пофален и од страна на советничката на ВМРО-ДПМНЕ, Валентина Јовановска.

фото: архива

Loading...