Општина Куманово традиционално и годинава изврши избор на сувенир на годината, а тоа е „Слика на стакло на Занаетчиски дом во Куманово“ од авторката Наташа Кузмановска.

Како што рече градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски, со кој авторката денеска потпиша и договор, годинава имало учество на повеќе дела.
– Верувам дека самиот сувенир кој што е денеска тука претставува уникатно издание на нашиот занаетчиски дом, и одредени елементи од градскиот плоштад со заштитниот грб на градот. Ги поттикнува сите автори да продолжат да работат и да се пријавуваат на нашиот конкурс, а во оваа прилика сакам да се заблагодарам и јавно на авторката со која што денеска ќе потпишеме и договор за соработка во следниот период, рече Димитриевски.
Авторката Наташа Кузмановска е дипломиран архитект која живее во Скопје, но по потекло е од Куманово.
– Чест ми е како занаетчија претставник на републичката занаетчиска комора да ја добијам наградата. Ова е сликање на стакло односно некој го нарекува сликан витраж, меѓутоа витраж е поинаква техника, ова е слика на стакло. Го искористив објектот на занаетчискиот дом во Куманово како мотив во случајот. Грбот на Куманово е присутен кој што мислам дека е убав детаљ во целата композиција и се надевам дека на сите ќе им се допадне ова дело, изјави авторката.

Инаку Кузмановска ќе добие награда во износ од 30.000 денари и ќе испорача одреден број вакви сувенири на општината која вообичаено ги подарува на гостите на градот.
Никола Ивановски

