Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денес пред пратениците во Собранието имаше годишно обраќање, но без присуство на пратениците од ДУИ и СДСМ.
Во својот новогодишен говор, иако во полупразна сала, Иванов меѓу останатото истакна дека државата минатата година се соочувала со три кризи и се соочила со политичка, безбедносна и мигрантска криза, порачувајќи дека е добро од мерките и начинот на кој Македонија се справи со бегалската криза, поука да извлечат и политичарите и така да ја решат политичката криза, која криза ја отворила вратата за безбедносни закани кои доаѓаат од повеќе места како тероризам, радикализам, организиран криминал и друго.
Како што истакна во својот говор претседателот Иванов, на 9-ти мај, мирниот живот на Куманово бил загрозен од насилни екстремисти и терористи кои дошле да ја дестабилизираат државата.
Долго време предупредував за оваа опасност. Уште на почетокот на годината побаравме помош од 17 партнерски служби на земјите од Европската унија, НАТО и земјите од регионот. За жал, размената на информации, со цел да се изврши превенција на намерите на групата, не даде резултат.
Бевме оставени сами на себе.
Но, и сами храбро и професионално успеавме да излеземе на крај со оваа сериозна закана.
Точно е дека во борбата против заканите, најуспешни се превентивните акции за кои граѓаните нема ни да начујат дека се случиле. Но, граѓаните треба да знаат дека со акцијата во Куманово спречивме извршување на координирани терористички напади низ повеќе градови во Македонија. Спречивме масакри и крвопролевања какви што неодамна видовме во Париз.
Затоа, сакам уште еднаш да изразам благодарност до припадниците на полицијата за нивната пожртвуваност. Но, и до нашите сограѓани во мултиетничко Куманово, кои решително му се спротивставија на увезениот екстремизам. Бидејќи, како што припадниците на полицијата ја одбранија безбедноста, така граѓаните на Куманово го одбранија македонскиот модел на соживотот и почитувањето на различностите. Зарем има поголем влог во градењето на нашата татковина Република Македонија.
Ценети присутни,
Траумите од Куманово ни се сe` уште свежи. Државата загуби осум храбри припадници на полицијата. Семејствата загубија свои синови, браќа, сопрузи, татковци… Уште тогаш реков дека сторителите и сите вклучени во овој терористички чин скапо ќе платат за тоа што се обидоа да `и го сторат на Република Македонија и на нејзините граѓани. Денес, тие се изнесени пред лицето на правдата. Останува судството достојно и професионално да си ја заврши својата работа.
Случајот во Куманово е школски пример како не треба да се однесуваат државите и службите во постигнување на регионалната безбедност. Се покажа дека како регион соработуваме во сите сфери, но најмалку во областа на безбедноста. Поради недоволната размена на податоци, недостигот на соработка и комуникација, но и немањето доверба меѓу државите и службите затаи системот за превенција.
Куманово беше лекција за регионот, но и за нас.
Во екот на политичка криза и медиумско разногласие, на протести и контрапротести, Куманово беше момент на отрезнување за политичките партии. Само еден ден по Куманово го свикав Советот за безбедност и ја повикав опозицијата да учествува на седницата. Со тоа, во зенитот на безбедносната закана, започна да се расплетува и политичката криза.
Според Иванов, додека траеле партиските препукувања, низ Македонија почнаа да минуваат мигранти и бегалци.