Амбасадорот на Италијанската Република Карло Ромео денеска оствари протоколарна посета на Општина Куманово каде имаше средба со градоначалникот Максим Димитриевски.
На средбата се разговарало за на повеќе теми, а претставниците од Италија биле запознаени како функционира најголемата општина во Македонија. Главен акцент бил ставен на образовниот процес, односно изучувањето на италијснкиот јазик во кумановските училишта.
– Добивме потврда од амбасадорот дека кумановските ученици се едни од најдобрите студенти кои покажуваат одлични резултати на ниво на државата и воедно ја користам оваа прилика да се заблагодарам на студентите, учениците, но и наставниот кадар во нашата општина што успеваат на еден таков начин и во такви услови да одржат високо ниво на едукација на најмладите, рече Димитриевски.
На средбата според првиот човек на градот се разговарало и за одбележувањето на Денот на Европа, 9. мај кога традиционално дел од државите на Европската унија ја презентираат својата култура во Куманово.
– Овој пат ќе бидат опфатени со свои пунктови пет држави од медитеранската група, а тука се Република Италија, Грција, Хрватска, Шпанија и уште неколку каде што ќе ги прикажат сите свои културно-историски добра и сите допирни точки со нашата држава. Интенцијата е да се продлабочи нашата соработка како најголема општина во државата, разговаравме и за економскиот интерес. Република Италија најавува и саем за градежништво, кој ќе биде одржан во Скопје и дел од нашите кумановски компании ќе бидат поканети да го посетат овој саем и да ги споделат взаемните искуства во делот и сегментот на градежништвото и повторно да потенцирам италијанските инвестиции се добредојдени во нашата општина, додае градоначалникот Максим Димитриевски.


