Италијанската Демократска партија (ПД) на младите ќе им понуди „мираз“ од 10.000 евра кога ќе наполнат 18 години, се наведува во манифестот на партијата на левиот центар објавен пред парламентарните избори следниот месец.
Пред ПД е тешка задача да ја спречи десницата да победи на изборите на 25 септември.
Програмата на партијата содржи големи ветувања, како што се дополнителни плати за работниците и изградба на 500.000 домови во рамките на програмата за социјални станови.
„Младите се моторот на иднината на Италија“, напиша лидерот на партијата Енрико Лета во петокот на Твитер заедно со списокот на ветувања за привлекување млади гласачи.
Лета рече дека целта на таканаречениот мираз е да им помогне на младите да го финансираат понатамошното образование, да платат сместување или да започнат бизнис во земја каде што повеќето социјални бенефиции се поврзани со пензиите.
Партијата, исто така, предложи владина гаранција за хипотека за првпат купувачите на имот, придонес од 2.000 евра за студентска кирија и намалување на возраста за гласање од сегашните 18 на 16 години.
Според анкетите, ПД добива 23 отсто од гласовите, а десничарската партија на Браќата од Италија на Џорџо Мелони, која доминира во конзервативната коалиција со Лигата на Матео Салвини и партијата Напред Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони , има најголема поддршка.
Анкетата минатата недела покажа дека десницата е на пат да освои големо мнозинство во двата дома на парламентот.