Австралискиот парламент донесе закон со кој се обврзуваат големите компании, вклучувајќи ги Гугл и Фејсбук, да плаќаат на медиумите за пренесување на медиумска содржина.
Владата рече дека законот „гарантира дека медиумите добиваат фер компензација за содржината што ја произведуваат, што ќе помогне да се оживее новинарството од јавен интерес во Австралија“.
Законот отвора пат за двата технолошки гиганти да инвестираат десетици милиони долари во договори за трансфер на медиуми.
Ова може да се покаже како модел за решавање на конфликтите помеѓу технолошките гиганти и регулаторните тела низ целиот свет за изедначување на односот помеѓу традиционалните медиуми кои се наоѓаат во големи финансиски тешкотии и големите технолошки компании кои доминираат на интернет и заземаат огромен дел од приходите од рекламирање.
Отсега натаму, Google ќе плаќа за содржината на вестите што се појавуваат на својот нов производ, наречена – Google News Showcase, а Facebook треба да плати за оние што се појавуваат на неговиот Њуз фид, што треба да биде лансиран во Австралија подоцна оваа година.
Фејсбук и австралиската влада се во расправија околу ова прашање. Фејсбук најпрво, како одговор на нацрт-законот, блокираше објавување линкови до написи за информации од локални или меѓународни медиуми, но потоа се откажа од тој пристап и постигна договор со австралиските власти.
Групацијата на Марк Цукерберг, која е сопственик на Инстаграм и WhatsApp, објави дека ќе инвестира „најмалку“ милијарда долари во содржина на вести во следните три години.
Овие нови средства, како што е најавено на блогот на шефот за односи со јавност на таа социјална мрежа, ќе бидат додадени на 600 милиони долари вложени во медиумите од 2018 година.
Гугл веќе се согласи да плати „значителни суми“ за содржината на медиумската група на Руперт Мардок, Њуз Корп, која се залагаше за новиот австралиски закон.