Историски успех на македонската фудбалска репрезентација до 21 година. Со победата попладнево на арената „Филип Втори“ во Скопје над селекцијата на Шкотска од 2-0 и победата на Украина на гостински терен над директниот конкурент за првото место во групата Израел од 4-2.
Младите момчиња на големиот државен празник 11. октомври со златни букви ќе бидат запишани во историјата на македонскиот спорт бидејќи се првата фудбалска репрезентација која ќе учествува на една завршница на големите натпреварувања.
Избраниците на селекторот Боби Милевски во текот на овие квалификации одиграа јуначки десет натпревари победи шест пати и само еднаш беа поразени и тоа уште во првото коло од репрезентацијата на Исланд. Од тогаш па натаму се до крајот, токму селекторот и неговите избраници од натпревар во натпревар растеа и освојуваа победи против репрезентации со далеку поголем рејтинг од нашиот, Шкотска, Франција, Украина…
Пред финишот на првото полувреме Македонија имаше шанса преку Кире Маркоски за 3-0, но голманот Фултон повторно успеа да интервенира, а во 47 минута Давид Бабунски одлично се „протна“ по левата страна и се намести за шут откосо, но ударот повторно го скроти Фултон и ја испрати топката во корнер. Во 60. минута шанса за погодок имаше Шкотска, но Алексовски интервенира, а во последните 30 минути Македонија го смири темпото на игра, мирно ја влечеше топката по теренот и го приведе мечот кон финиш.
Македонија во групата заврши како лидер со 21 бод, еден повеќе од второпласираниот Исланд. На нашето конто на крајот од групната фаза имаме шест победи, три ремија и само еден пораз, и тоа оној на стартот од квалификациите против Исланѓаните. Генерацијата на Благоја Милевски која ветува ќе има сигурно што да покаже во Полска.
преземено од Република.мк