Нордиските, балтичките и централноевропските членки на НАТО се посветени на членството на Украина во Организацијата на Северноатлантскиот договор, изјавија лидерите на Полска, Романија и Литванија по таканаречениот самит Б9 и нордиските земји, на што Русија остро се спротивставува.
На минатогодишниот самит во Вашингтон, сојузниците на НАТО го поддржаа „неповратниот пат“ на Украина кон членство во НАТО, но претседателот Доналд Трамп постојано повторуваше дека претходната поддршка на САД за членството на Украина во НАТО е причина за војната со Русија, што сугерира дека Украина ќе остане без членство.
Еден од условите што ги постави рускиот претседател Владимир Путин за завршување на војната во Украина вклучува западните лидери писмено да се обврзат да го прекинат проширувањето на НАТО кон исток. Тој, исто така, бара укинување на дел од санкциите.
Дополнителни санкции
По состанокот на нордиските, балтичките и централноевропските лидери во Вилнус, Литванија, Полска, Романија и Литванија потврдија дека регионот останува цврсто посветен на идното членство на Украина во НАТО, повикувајќи на зголемен притисок врз Русија и дополнителни санкции.
„Силно ја поддржуваме одлуката на Алијансата поврзана со неповратниот пат на Украина кон евроатлантската интеграција, вклучително и членството во НАТО. Украина има право сама да ги избере своите безбедносни аранжмани и да одлучи за својата иднина, ослободена од странско мешање“, се вели во соопштението.
На состанокот, пред самитот во Хаг, учествуваа и Бугарија, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Словачка, Данска, Финска, Исланд, Норвешка и Шведска.