Израелската армија денеска соопшти дека од јужниот дел на Појасот Газа кон израелска територија е истрелан салво од 20 проектили во нападот за кој одговорноста ја презеде вооруженото крило на палестинската група Исламски џихад.
„Околу 20 проектили се идентификувани дека доаѓаат од секторот Кан Јунис. Беа пресретнати голем број проектили, а други паднаа на југот на Израел“, соопшти израелската армија.
Армијата додаде дека нема повредени, а возвратила со артилериски оган на територијата од каде што биле истрелани ракетите.
Бригадите Ал Кудс, вооруженото крило на Исламскиот џихад, објавија дека извршиле концентриран ракетен напад врз израелските позиции околу Појасот Газа како „одговор на злосторствата на ционистичкиот непријател“ врз палестинскиот народ.
Исламски џихад се бори заедно со Хамас во Појасот Газа против израелската армија од 7 октомври.
Тогаш Хамас изврши напад врз Израел во кој беа убиени 1.195 луѓе. Како одговор на тој напад, Израел започна голема офанзива на Појасот Газа во која досега загинаа 37.877 Палестинци, според Министерството за здравство на Хамас, кое е на власт во Газа.