Исклучување на Русија од глобалниот систем за плаќање SWIFT е последна опција

Сподели со своите пријатели

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер во петокот изјави дека постои опција Русија да се исклучи од глобалниот систем за плаќање SWIFT, но дека тоа го смета за последно средство.

САД и ЕУ одлучија да не ја исфрлат Русија од СВИФТ како дел од новите санкции против Русија поради инвазијата на Украина.

Сепак, ова прашање може да се разгледа подоцна, рече американскиот претседател Џо Бајден во четвртокот.

„SWIFT е последно средство, но тоа е една од опциите што останува на маса“, изјави Ле Мер на новинарите пред состанокот во Париз со неговите колеги од еврозоната.

Пред истиот состанок, германскиот министер за финансии Кристијан Линднер рече дека „сите опции се на маса“ покрај веќе договорените.

– Првите санкции беа воведени кон Русија. Тие му штетат на рускиот народ и сериозно ќе ја блокираат руската економија – рече тој.

Министрите за финансии најверојатно ќе разговараат за влијанието на конфликтот врз европската економија.

Економистите велат дека инфлациските притисоци би можеле да се зголемат, а економскиот раст да забави.

Лидерите на ЕУ во четвртокот се согласија да ги замрзнат руските средства во Унијата и да го запрат пристапот на руските банки до европскиот финансиски пазар.

Санкциите ќе бидат насочени и кон енергетскиот и транспортниот сектор на Русија.

Лондон го повтори својот повик во петокот да ја исклучи Русија од SWIFT.

Некои членки на ЕУ се спротивставуваат на ваквата мерка бидејќи на доверителите би им било тешко да си ги вратат парите.

Набљудувачите, исто така, сугерираат дека тоа би можело да ги отежни плаќањата кон Русија за оние земји кои добиваат енергија од неа.