Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба денес повтори дека Јапонија ќе ги почитува трите принципи за непоседување, непроизводство и недозволување на нуклеарно оружје на јапонска територија.
На прес-конференција по учеството на комеморацијата по повод 80-годишнината од атомското бомбардирање на Хирошима од страна на САД претходно во текот на денот, Ишиба ја отфрли можноста Јапонија да се приклучи на моделот за споделување на нуклеарно оружје со САД, како оној на НАТО, објави Кјодо.
„Владата цврсто ги почитува трите ненуклеарни принципи и не планираме да ги ревидираме“, рече јапонскиот премиер.
Тој додаде дека е важно да се зајакне ефикасноста на проширеното одвраќање на Америка, кое вклучува нуклеарни капацитети, но дека тоа не го намалува целта на Јапонија за постигнување свет без нуклеарно оружје.
Јапонија е под нуклеарниот чадор на САД со децении, но не се опремува со нуклеарно оружје, во согласност со политиката усвоена по Втората светска војна.
Првата атомска бомба, фрлена од американскиот бомбардер „Енола Геј“ на 6 август 1945 година, уби околу 140.000 луѓе до крајот на таа година.
Зборувајќи за актуелните безбедносни предизвици, Ишиба предупреди за сè посложената регионална средина, во која се наоѓаат државите со нуклеарни капацитети.
Запрашан за неговиот план да објави порака по повод 80-годишнината од поразот на Јапонија во Втората светска војна, Ишиба не кажа кога очекува да го стори тоа, но ја нагласи важноста на пораката дека „Јапонија никогаш повеќе не смее да води војна“.
Ишиба рече дека ги дели ставовите изразени во официјалните изјави на претходните јапонски лидери за 50-годишнината, 60-годишнината и 70-годишнината од поразот, кои исто така беа внимателно анализирани во земјите погодени од јапонските напади, вклучувајќи ги Кина и Јужна Кореја.
Според извори блиски до владата, Ишиба сè уште не планира да издаде сопствена изјава на 15 август, но ја разгледува можноста тоа да го стори на 2 септември – денот кога Јапонија официјално ја потпиша својата капитулација во 1945 година.