Македонците остануваат силно загрижени околу целокупната насока во која се движи нивната земја, особено во однос на економијата и политичката стабилност, покажуваат резултатите на новата анкета објавена од страна на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ).
Според анкетата се покажа дека Македонците во истовреме даваат силна поддршка на демократијата и интеграцијата на Македонија во евро-атлантските структури.
Бројот на испитаници кои велат дека Македонија се движи во погрешна насока се зголеми на 48 проценти, што е за девет проценти поголем од декември 2014 година, покажува анкетата на ИРИ, а најголемо негативно ниво од декември 2010 година се бележи поради состојбите во економијата и зголемената политичка криза како главна основа на овој песимизам, се вели во извештајот на ИРИ по спроведената анкета.
Педесет и три проценти од испитаниците велат дека невработеноста е најголемиот проблем со кои се соочува земјата, додека 64 отсто велат дека животот е подобар пред распадот на Југославија. Шеесет и еден отсто од Македонците ја опишале актуелната политичка ситуација како “напната и неизвесна”, и бележи зголемување од 43 отсто од декември, а 58 отсто од испитаниците одговориле дека Македонија е помалку стабилна отколку што беше пред една година, и бележи скок од 27 отсто од анкетата спроведена минатата година.
Слободата на изразување и понатаму претставува проблем за повеќето Македонци. Повеќе од половина од испитаниците (55 отсто) сметаат дека слободата на говор и изразување не постојат во земјата.
Во истовреме, 67 отсто од Македонците сметаат дека актуелната политичка криза ги кочи напорите на Македонија за влез во Европската унија, додека поддршката за влез во ЕУ и НАТО остануваат на високо ниво, односно 83 насто од испитаниците даваат поддршка за евроинтегративните процеси.
Ова е прва анкета на ИРИ спроведена во Македонија од полициската акција спроведена од страна на Владата против вооружена група на етнички Албанци во Куманово на почетокот на мај, и доаѓа во време на актуелна политичка криза која започна со обелоденувањето на прислушувани разговори на владините претставници, вклучително и на премиерот Никола Груевски од страна на опозициската СДСМ, наведува ИРИ во извештајот за спроведеното истражување.
Анкетата е спроведена од страна на Брима Ltd, компанија за истражување со седиште во Скопје, во соработка со Вилијамс и соработници и на ИРИ.
Истражувањето беше спроведено преку лице-в-лице интервјуа од 06 – 15 јуни, 2015 година, со случаен примерок од 1.105 македонски државјани, на возраст од 18 години и постари.
Целиот извештај на ИРИ може да се најде на следниот линк