Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГК) денес објави дека иранските воени сили досега успеале да уништат „скоро десет“ напредни радарски системи на Соединетите Американски Држави во регионот на Персискиот Залив.
Портпаролот на ИРГК, бригаден генерал Али Мохамед Наини, исто така рече дека Техеран, а не Вашингтон, ќе одреди кога ќе се случи крајот на војната, објави иранската телевизија Прес.
„Знаеме дека ви снемува муниција и очајно барате излез од војната за да го спасите образот. Зошто не им ја кажете вистината на американскиот народ“, рече Наини, обраќајќи се на американските претставници.
Тој рече дека американскиот претседател Доналд Трамп станал „целосно збунет и фрустриран“ поради повеќекратните бранови на Операцијата „Вистинско ветување 4“ на Иран, започнати од поморските и воздушните единици на ИРГК.
„Трамп не сака американскиот народ да разбере дека целата американска воена инфраструктура во регионот на Персискиот Залив е елиминирана. Дека речиси десет високо напредни американски радарски системи во регионот и голем број ваши скапи беспилотни летала се уништени од иранските системи за воздушна одбрана“, додаде Наини.
Тој исто така рече дека „американските сили не се оние што го одредуваат крајот на војната“.
Тој додаде дека „лажливиот“ американски претседател, во очаен обид да го измами јавното мислење по „срамните порази“ во војната, тврдел дека воената моќ на Иран наводно завршила.
„Со отворена лага, Трамп тврдеше дека лансирањата на ракети на Иран се значително намалени. Но, всушност, Иран е помоќен дури и во споредба со раните денови на војната и ги таргетира американските и израелските бази со боеви глави што тежат повеќе од еден тон“, рече Наини.
Иранските напади врз Израел и врз соседните земји каде што се наоѓаат американските бази започнаа на 28 февруари, само неколку часа откако САД и Израел започнаа напади врз Иран, во кои беа убиени поранешниот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, и неколку високи воени команданти, пренесува Танјуг.

