Иран одлучно ќе одговори на секој напад на негова територија, интереси или граѓани надвор од неговите граници, предупреди иранскиот претставник во Обединетите нации, Амир Саед Иравани.
Предупредувањето од иранскиот претставник во ОН, како што јави Ројтерс, доаѓа еден ден откако претседателот на Соединетите Американски Држави објави дека донел одлука како Вашингтон ќе одговори на нападот со беспилотни летала на ирачките групи поврзани со Иран на американска воена база долж границата меѓу Сирија и Јордан.
Во тој напад загинаа тројца американски војници.
Во ракетен напад врз зграда што ја користеше иранската елитна Револуционерна гарда во Дамаск на 20 јануари, загинаа пет нејзини членови и неколку сириски војници, додека речиси еден месец претходно, во напад на 25 декември, беа убиени уште двајца нејзини членови. .
Во понеделникот беше извршен уште еден израелски напад врз, како што јави иранската новинска агенција Тасним, „ирански воен советодавен центар“ во Сирија, во кој беа убиени уште двајца членови на Иранската револуционерна гарда, но иранскиот пратеник во Сирија подоцна негираше овие наводи, додавајќи дека жртвите не се од иранска националност.
На 15 јануари, Иран го нападна, како што вели, израелскиот „шпионски штаб“ во полуавтономниот регион Курдистан во Ирак.