Иран повторно воспостави извоз на гориво во Авганистан неколку дена по барање на новата авганистанска влада, изјави ирански претставник за Ројтерс.
Цените на горивата во Авганистан се зголемија откако Талибанците ја презедоа власта. Затоа тие побараа од Иран да ги остави своите граници отворени за трговија со нафта.
„Талибанците му рекоа на Иран: „Можете да продолжите да извезувате нафтени продукти“, рече Хамид Хосеини, член на управниот одбор и портпарол на Сојузот на извозници на нафта, гас и петрохемија на Иран.
Талибанците испратија порака до иранските трговци и иранската стопанска комора, која има блиски врски со владата.
Како резултат на тоа, иранските царински власти ја укинаа забраната за извоз на гориво во Авганистан, која беше во сила од 5 август, поради загриженоста на Иран за безбедноста на трговијата.
Хосеини, исто така, рече дека Талибанците ги намалиле тарифите за увоз на гориво од Иран и другите соседни земји за 70 проценти.
Санкциите на САД кон Иран, воведени од Доналд Трамп во 2018 година, значително го намалија иранскиот извор на нафта.
Иран успеа да развие одредена трговија, најмногу поради продажбата на гориво на соседите како што е Авганистан. Заминувањето на американските сили ја олесни одлуката на лидерите на Иран и Авганистан да тргуваат поотворено.
Иранското гориво беше клучно за Авганистан во последните години. Други главни добавувачи беа Туркменистан и Узбекистан.
„Мислам дека новата иранска влада значително ќе ја прошири соработката со талибанската влада. Иран лесно може да ја удвои трговијата со Авганистан. Владата на Ашраф Гани отсекогаш се обидуваше да ја ограничи соработката со Иран, бидејќи беше под санкции на САД“, рече Хосеини.