Иран егзекутираше двајца мажи во одделни случаи, обвинувајќи го едниот за шпионажа за израелската разузнавачка служба Мосад, а другиот за заговор за саботажа во име на групата Исламска држава (ИСИС), објавија државните медиуми утрово.
Според извештајот на судскиот портал Мизан Онлајн, еден од егзекутираните, Рузбе Вади, бил обвинет за доставување класифицирани информации до израелскиот Мосад, вклучително и информации за ирански нуклеарен научник кој беше убиен за време на израелските напади во јуни, објави АП.
Вади, како што е наведено, се сретнал пет пати со агенти на Мосад во Виена.
Иран досега егзекутираше најмалку седум лица за шпионажа за време на конфликтот со Израел, што предизвика загриженост кај меѓународните организации за човекови права.
Во друг случај, Мехди Агазаде, обвинет за припадност на ИСИС, бил егзекутиран.
Властите велат дека тој добил воена обука во Сирија и Ирак и нелегално влегол во Иран со тим од четири члена, кои биле убиени во престрелка со иранските безбедносни сили.
Иранскиот Врховен суд ги потврди пресудите и изјави дека биле почитувани сите законски процедури пред извршувањето на смртната казна, објави Мизан Онлајн.