Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан изјави дека Соединетите Американски Држави му испратиле на Иран две пораки во врска со ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.
– Првата порака е дека САД не се заинтересирани за проширување на војната, а втората порака бара Иран да покаже воздржаност и инсистира Иран да побара од другите земји и другите страни да покажат воздржаност – рече Амир-Абдолахиан за време на прес-конференцијата во Техеран, но тој не откри како и кога биле пренесени пораките од официјален Вашингтон, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Според него, САД велат дека не се заинтересирани за ширење на војната, но со испраќање илјадници пратки оружје и „целосна поддршка на ционистичкиот режим“ во изминатите две недели, покажале дека се вклучени во ширењето и ескалација на конфликтот.
Иранскиот министер за надворешни работи го осуди американскиот претседател Бајден за, како што рече, „лицемерниот однос“ на САД во однос на човековите права во Појасот Газа.
Амир-Абдолахиан праша дали „смртта на повеќе од 5.000 цивили, жени и деца, повеќе од 20.000 ранети и стотици илјади бездомници се резултат на грижата за човековите права за која зборуваше г-дин Бајден“.
Додека Израел се подготвува за очекуваниот копнен упад на неговата армија во Појасот Газа, се засилени дипломатските напори за да се спречи војната против Хамас да ескалира во поширок регионален конфликт.
Откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, активно се разменува оган на северната граница на Израел со Либан, каде што израелските одбранбени сили се судрија со Хезболах, исламистичкото движење поддржано од Иран, кое има своја главна база на израелско-либанската граница.
Си-Ен-Ен во понеделникот објави дека САД имаат разузнавачки информации дека милициските групи поддржани од Иран планираат да ги засилат нападите врз американските сили на Блискиот Исток, додека Иран се обидува да ги искористи реакциите на муслиманските земји на американската поддршка за Израел.