Висок ирански безбедносен функционер денеска го обвини американскиот претседател Џозеф Бајден дека илегално му се заканувал на Иран, кога најавил дека може да разгледа „други опции“ доколку пропадне нуклеарната дипломатија со Техеран.
„Акцентот на употребата на „други опции“ (против Иран) е илегална закана за друга земја и му дава на Иран право да возврати со „расположливите опции“, напиша на Твитер Али Шамахани, секретар на Врховниот совет за национална безбедност на Иран, пренесе Ројтерс.
За време на вчерашната средба со израелскиот премиер Нафтали Бенет, Бајден рече дека „ја става дипломатијата на прво место“ со цел да се обиде да ја запре иранската нуклеарна програма, но дека доколку преговорите не бидат успешни, тој ќе биде подготвен да се сврти кон други опции, без да прецизира кои.
Агенцијата на ОН за надзор на атомска енергија (МААЕ) во августскиот извештај рече дека Иран го забрза збогатувањето ураниум на речиси потребното ниво за нуклеарно оружје, потег што ги зголемува тензиите со Западот, бидејќи двете страни се обидуваат да ги продолжат преговорите за заживување на нуклеарниот договор.