Инванзивни видови, вклучувајќи змии и гуштери, се провлекуваат низ царинските проверки во северна Европа незабележано во големите пратки со сечено цвеќе и саксии, предупредуваат експертите.
Континентално-европските змии, геко и крајбрежни гуштери се некои од животните кои влегуваат во северноевропските земји во пратки од маслиново дрво наменети за градини и зелени површини, се вели во студијата објавена во списанието Bioscience.
„Врвот на ледениот брег“
Овие видови можат да предизвикаат огромна штета на посевите и на домашната средина, во која овие видови вообичаено не се населуваат.
Студијата го наведува примерот на Мајорка, медитерански остров кој никогаш немал змии.
Меѓутоа, кога пристигнале на островот, сериозно го загрозиле екосистемот на Мајорка.
Експертите, сепак, предупредуваат дека змиите и рептилите се само „врвот на ледениот брег“.
Инсекти, габи и земјоделски штетници се внесуваат и во северна Европа и во Обединетото Кралство во пратки со сечено цвеќе и украсни растенија, а и покрај регулативата и граничните проверки, количината на растенија што се увезува е толку голема што стана исклучително тешко да се откријат натрапниците.
Глобалниот пазар за извоз и увоз на растенија, вреден милиони долари, рапидно расте и има сè поголем географски досег.
Експертите предупредуваат дека ширењето на инвазивните видови, особено комарците и другите инсекти кои пренесуваат болести, и климатските промени, кои го прават потопло во северна Европа и го олеснуваат преживувањето на овие видови во некогаш студените клими, може да доведат до појава на болести пренесени од овие инсекти.
„Исклучително ризично“
Поради зголемените температури, можно е некои егзотични растенија увезени од потоплите региони за украсување на домовите во ОК да се рашират во дивината како инвазивни видови.
Професорот Вилијам Сатерленд од Катедрата за зоологија на Универзитетот во Кембриџ предупредува дека украсните маслинови дрвја што се продаваат во Британија би можеле да бидат стари над 100 години.
„И во таа нагризана кора и почвата во која се засадени овие дрвја, има многу скривалишта. Тоа е крајно ризично во однос на преносот на штетници“, истакна Сатерленд.
„Ако под нашиот радар летаат змии и гуштери, какви се шансите да забележиме опасни мали инсекти или габи кои навистина предизвикуваат големи проблеми? – се запраша професорот.