Прославениот кошаркарски репрезентативец Владо Илиевски, минатата година ја заврши својата блескава речиси 20-годишна кариера, во која настапуваше за редица познати европски клубови: Тау Керамика, Барселона, Ефес Пилсен, Монтепаски, Олимпија, Партизан и Цибона, за пред неколку месеци патиките да ги закачи на ѕид во дресот на Работнички. Пред неколку месеци се одлучи да се испроба и во функционерските води, вклучувајќи се во трката за нов предводник на македонската кошарка, како претседател на Кошаркарската федерација на Македонија. Меѓутоа, на вонредното собрание на КФМ, во неделата, Илиевски тесно загуби од старо-новиот претседател Петар Наумовски и веднаш, како и други клубови од земјата, ја оспори победата на противкандидатот.
Илиевски во интервју за МИА зборува за „поразот“, за поделбите и генерално за состојбата во мак-кошарката, која, според него, вооопшто не е розова, за иднината и визијата за кошарката во Македонија…
Пред Изборното собрание на МКФ одржано во неделата, бевте најавуван како иден прв човек на мак-баскетот, но тоа не се случи. Излеговте со соопштение дека не ги признавате резултатите од гласањето. Што се случи на тоа Собрание и каде ја загубивтe битката со актуелниот претседател Петар Наумоски?
– Ќе изгуби на долг рок македонската кошарката, а не Владо Илиевски. Јас во секој случај сум победник, отворив многу прашања, дадов визија, внесов позитивна енергија, нешто што веќе одамна фали. Јас добив 14 гласа, а кога ќе се исклучат нерегуларните гласови, резултатот би бил поинаков. Битката не е завршена. Во кошарката не е потребно беззаконие, и самоволие, македонската кошарка не е на еден или двајца луѓе, па тие да владеат со неа, таа е на целата нација. Актите на статутот треба да се почитуваат, да се гласа регуларно, без притисоци и по сопствен избор. И токму затоа сметам и верувам дека нашите институции ќе ја согледаат очигледната нерегуларност, и ќе ги поништат овие нерегуларни резултати.
Актуелниот претседател рече дека ја има поддршката од клубовите. Дали е тоа точно?
– Резултатот беше 16 спрема 14. Од тие 16 гласа седум се од различни здруженија финансирани од МКФ и кои се основани со единствена цел да бидат искористени како гласачко тело на Наумоски. Тоа јасно покажува за кого биле клубовите. Од тој аспект, јас сакам јавно да прашам, тогаш кого застапува МКФ?
И ова не е случајно! Мнозинството клубови не се задоволни, и сакаат промена. Сакаат раководство со кое ќе имаа рамноправен дијалог, федерација која ќе работи во нивен интерес, и во корист на развојот на македонската кошарка. Федерација која ќе се финансира од спонзорства, издавање на ТВ права, а не од котизација, во услови кога клубовите, се мачат со обезбедување на финансии.
Кој е следниот чекор кој ќе го преземете?
– Веке е даден приговор до Агенцијата за млади и спорт и се чека надлежниот инспектор за спорт да изврши надзор над работата на собранието, да утврди неправилности и да донесе соодветно решение. Јас верувам во правдољубие, во коректноста на нашите институции. Искрено, јас лично никогаш не би сакал да водам една федерација, ако не верувам дека клубовите стојат зад мене. Фер односот Федерација – клубови, е приоритет за секој кој има амбиција да биде на чело на МКФ.
Вашето мислење за македонската репрезентација која по ЕП Литванија е во „слободен пад“, посебно по заминувањето на Џикиќ од селекторската позиција и одбивањето да играат неколку клучни играчи, меѓу кои и Антиќ?
– За жал, резултатите на македонската репрезентација се разочарувачки, посебно по смената на Џикиќ. Се загуби хармонијата, играчи лесно се откажуваа, не се најде модул кој ќе донесе резултат. Уште полошо, се уништи имиџот на македонската кошарка, која со децении беше омилената спортска екипа во земјава. Бевме редовни учесници на врвни натпреварувања, нашите клубови бележеа успеси, публиката беше во салите, се бодреше се живееше со кошарката.