Социјалната мрежа Инстаграм им нуди на избрани креатори на содржини во Соединетите Американски Држави до 20.000 долари за да ги привлечат луѓето кон апликацијата и да ја зајакнат својата позиција во однос на конкурентите Тикток и Јутуб.
Ова е пилот-проектот „Препораки“ (Referrals) на Инстаграм и не е достапен за сите креатори, туку само за оние со седиште во САД до кои компанијата прво ќе се обрати.
Програмата функционира така што им плаќа на креаторите 100 долари за секој нов корисник кој се регистрира преку нивниот споделен линк или за секои 1.000 посети на апликацијата преку нивниот линк, со максимална исплата од 20.000 долари, објавува Business Insider.
Идејата е да се натераат креаторите да го промовираат Инстаграм на конкурентски платформи како Тикток, Јутуб, Дискорд и Сабтек.
„Споделете го вашиот Инстаграм профил, видеа, објави, приказни и канали надвор од Инстаграм“, им кажува апликацијата на учесниците во проектот.
Најновиот потег на Инстаграм е дел од серија тестови и програми за стимулација дизајнирани да ги задржат креаторите на платформата, особено затоа што конкурентите како Тикток продолжуваат да привлекуваат таленти со своите понуди.
Шемите за препораки и бонуси брзо стануваат норма во индустријата, а „Тикток“ неодамна ги лансираше своите награди за препораки кои вклучуваат попусти за купување и финансиски стимулации за поканување пријатели да се приклучат.