Секторот за инспекциски надзор при Општина Куманово во две смени ќе ги лови загадувачите на воздухот во Куманово, информираше денеска на прес конференција инспекторот за животна средина Бобан Бојковски.
Комуналната и градежната инспекција како што посочи Бојковски ќе работи и за време на викендот.
– Со ова сакаме да го интензивираме контактот со самите граѓани, а исто така и увидот на лице место. Јас би сакал да се заблагодарам на сите оние сограѓани кои што соработуваа со нас во овој период и ни си јавуваат за секој проблем, и другите сограѓани ги охрабрувам да допринесат во идентфикација на сите оние сограѓани коишто несовесно го кржат пред се Законот за јавна чисота, Законот за градење, Законот за комунални дејности и Законот за животна средина. Исто така во наредниот период акцент ќе дадеме на спалување на отпад, тоа сепак е Закон за предизвикување на општа опасност, а исто така со законите за комунални дејности и заштита на животна средина секој оној кој ќе биде фатен на лице место ќе биде соодветно санкциониран, изјави Бојковски.
Loading...
Од утре со цел намалување на загаденоста на воздухот ќе започне повторно аеросолизација на најфрекфентните улици во Куманово.
– Во централното градско подрачје ќе се одвива тоа, затоа што согласно испитувањата што ги вршевме во април оваа година се дојде до заклучок дека на улиците „Гоце Делчев“, „Илинденска“, „Народна револуција“, „Октомвриска револуција“, загадувањето беше најголемо. Исто така заеднички правиме увиди со колегите од МВР, заеднички увиди на лице место во наредниот период, додаде Бојковски.
Во изминатите три месеци, како што потенцираше инспекторот, изречени се 27 казни и 58 опомени на загадувачите во градот.
– Оние сторители на прекршок на лице место го отстраниле прекршокот, имаме две казни една за спалување на отпад а другата за испуштање на отпадна вода на јавно прометна површина од страна на инспекторот за животна средина, рече инспекторот Бојковски.
За спалување на отпадот на сите одговорни ќе им биде изреќена глоба во износ од 200 евра, а граѓаните несовесните загадувачи на животната средина можат да ги пријават на бројот на полицијата 192.
Воздухот во Куманово е загаден 13 последователни дена. Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека од утре ќе дува засилен ветер кој треба да донесе освежување и да ја намали загаденоста во котлините.