Најмалку 52 лица загинаа во Њу Делхи, Индија, поради силниот топлотен бран, објави денеска Тајмс оф Индија.
Според индиски весник, најмалку 52 тела биле донесени во болниците во изминатите два дена, главно сиромашни луѓе кои живееле и работеле на отворено.
Индија забележа повеќе од 40.000 случаи на топлотен удар ова лето и најмалку 110 потврдени смртни случаи од 1 март до 18 јуни, кога северозападниот и источниот дел на Индија забележаа двојно повеќе денови од топлотни бранови нормални за сезоната, објави Ројтерс.
Министерството за здравство им нареди на федералните и државните институции да обезбедат соодветна грижа за пациентите, додека болниците добија наредба да ослободат повеќе кревети.
Метеоролошката служба предвиде натпросечни температури и за овој месец, а податоците на метеоролошката служба покажуваат дека во среда Делхи ја имала најжешката ноќ во последните повеќе од 50 години, со минимална температура од 35,2 степени.