Индиската амбасада им советуваше на своите граѓани да го напуштат Иран со сите достапни средства за транспорт, вклучително и комерцијални летови.
„По упатството издадено од Владата на Индија на 5 јануари 2026 година, а со оглед на развојот на ситуацијата во Иран, на индиските граѓани кои моментално се наоѓаат во Иран (студенти, аџии, бизнисмени и туристи) им се советува да го напуштат Иран со сите достапни средства за транспорт, вклучително и комерцијални летови“, се вели во соопштението на амбасадата на социјалните мрежи.
Дипломатската мисија истакна дека сите индиски граѓани и лица од индиско потекло треба да бидат претпазливи, да ги избегнуваат областите каде што се одржуваат протести или демонстрации, да одржуваат контакт со индиската амбасада во Иран и да ги следат локалните медиуми за можни промени во ситуацијата, објавува РИА Новости.
Претходно, Соединетите Американски Држави апелираа до своите граѓани веднаш да го напуштат Иран, советувајќи ги да се преселат по копнен пат во Турција или Ерменија, според соопштението објавено синоќа на веб-страницата на Амбасадата на САД во Иран.
„Американските граѓани треба веднаш да го напуштат Иран. Размислете за напуштање на Иран по копнен пат кон Турција или Ерменија, доколку е можно тоа безбедно“, се вели во соопштението, според Ројтерс.
Порано во вторникот, американскиот претседател Доналд Трамп им порача на демонстрантите во Иран да продолжат со протестите и дека помошта е на пат.
„Ирански патриоти, продолжете да протестирате – преземете ги вашите институции. Запомнете ги имињата на убијците и насилниците. Тие ќе платат висока цена. Ги откажав сите состаноци со иранските претставници сè додека не престане бесмисленото убивање на демонстрантите. Помошта доаѓа. MIGA (Направете го Иран повторно голем). Претседател Доналд Џ. Трамп“, објави тој на својата мрежа Truth Social.
Тој се закани дека САД ќе преземат многу силни мерки доколку иранската влада се обиде да ги егзекутира демонстрантите, но не прецизираше за какви мерки зборува.
Денес, Иран испрати предупредување до земјите од Блискиот Исток дека американските воени бази на нивна територија би можеле да бидат цели на напад доколку САД одлучат да интервенираат, изјави за Ројтерс висок ирански функционер.
Протестите во Иран започнаа кон крајот на декември 2025 година поради девалвацијата на локалната валута, иранскиот риал, а на 8 јануари, по повикот на Реза Пахлави, син на шахот на Иран кој беше соборен во 1979 година, протестните маршеви се интензивираа низ целиот Иран и во неколку градови се претворија во судири со полицијата, скандирајќи против иранскиот политички систем.

