Десничарската коалиција на Џорџа Мелони денес заврши 1.000 дена на власт, што ја прави една од петте најдолговечни влади во повоената историја на Италија.
Изминатиот период претставува и редок пример за политичка стабилност во земјата.
Иако ниедна италијанска влада од Втората светска војна не завршила целосен петгодишен мандат со истата коалиција, владата на Мелони е на пат да го прекине тој тренд.
Сепак, видливи се некои негативни сигнали.
Имено, само 34 проценти од Италијанците имаат позитивно мислење за работењето на владата, три процентни поени помалку отколку во јуни, според ново истражување на агенцијата YouTrend, објавува Euractive Italy.
62 проценти од испитаниците имаат негативно мислење за владата, а вицепремиерот Матео Салвини е најнепопуларниот член на владата.
Кога станува збор за владините политики, јавното мислење е поделено.
Мерката за борба против фемицидот доби најширока поддршка, 38 проценти од испитаниците, покажа анкетата.
Во исто време, предложениот мост што ја поврзува Сицилија со копното е најмалку популарната политика во целина, објави „Еурактив Италија“.
Меѓу десничарските гласачи, најпопуларните политики се укинување на шемата за основен приход, поддржана од 51 процент од испитаниците, воведување построги закони за имиграција (41 процент) и спроведување построги правила за протести и блокади (35 проценти).
Партијата на Џорџа Мелони, „Браќата на Италија“, сè уште води во анкетите со 30 проценти поддршка, по што следуваат Демократската партија со 22 проценти и популистичкото Движење Пет ѕвезди со 12 проценти.