Илина Арсовска, ученичка на кумановската Гимназија „Гоце Делчев“ ќе ја претставува Македонија на Европската женска математичка олимпијада.
Нејзиниот пат до Олимпијадата започнува од локалните натпревари – најпрвин на општинско ниво, а потоа на регионалниот натпревар, од каде што се квалификува за државниот.
Успешниот настап на Јуниорската математичка македонска олимпијада ѝ овозможи учество на меморијалниот натпревар „Александар Блажевски – Цане“, кој воедно претставуваше и квалификација за претстојната Олимпијада.
– За овие натпревари се подготвувам уште од мала возраст затоа што уште од мала се натпреварувам во циклусот натпревари, така да подготовките се нешто што трае долго време, но сепак оваа година е малку поразлично затоа што прв пат се натрепварувам во категоријата сениори и подготовките, најпрвин добивам основа од моите професори, имам одено и во математички школи, но најважно од се е да имам инспирација и мотивација самата да учам и решавам задачи, изјави Арсовска.
Таа ја негува љубовта кон математиката уште од основно училиште, а првиот натпревар на кој учествувала бил во трето одделение. Од тогаш, континуирано се докажува на математичките натпревари.
– Љубовта кон математиката ја имам уште од мали години, најмногу еве и од моите родители, па натаму на училиште почнав уште од прв пат кога можев да се натпреварувам во трето одделение почнав да одам на натпревари и видов дека самата себе се импресионирав од натпреварот уште кога бев мала и тоа ми беше уште поголема мотивација да продолжам да се трудам, изјави таа.
Нејзината наставничка по математика Валентина Каранфиловиќ вели дека Арсовска е исклучително талентирана, а материјалот кој успешно го впива на часовите многу ѝ помага.
– Иако таа е втора година сега, таа мора да се наптреварува и на материјал од четврта година. Таа е најмала во својата група, но се натпреварува и со ученици од четврта година. Има многу успеси постигнато, се надевам дека ќе продолжи и дека ќе дојде со медал од таму, рече Каранфиловиќ.
Арсовска ќе ја претстави Македонија на Олимпијадата која годинава ќе се одржи во Приштина, Косово, и во конкуренција од математичари од над 60 земји од светот ќе се обиде да освои најдобар пласман.
Никола Ивановски