Од играчки, преку облека и кафе, до мотоцикл и волани за автомобили, се само дел од предметите што цариниците ги заплениле на ГП Табановце изминатата недела.
Од страна на мобилните царински тимови во Царинската испостава Куманово откриена е и запленета е стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост:
– 4.080 играчки и школски прибор со ознаки на заштитени трговски марки, со пријавена вредност од 225.057 денари биле пронајдени при контрола на стока со потекло од Кина, пријавена со две декларации за увозно царинење во царинската испостава Куманово, информицаат од Царинската управа на Република Македонија.
На граничниот премин Табановце автопат биле пронајдени еден употребуван моторцикл „Yamaha“ во делови, нов професионален апарат за индукциско греење „Telwin Smart Inductor 5000“ и шест употребувани волани за патнички возила.
Како што појаснуваат од Царинската управа, ситеовие предмети биле откриени во багажникот на минибус со македонски регистарски таблички пријавен за влез во државата.
Во друг случај на граничниот премин Табановце автопат во багажникот и позади предните седишта на автомобил биле откриени 14 машки јакни од познати светски брендови, со вредност од 810.000 денари.
Според Царинската управа за јакните биле избегнати давачки во износ од 313.065 денари.
На Табановце исто така биле запленети и 6,1 килограми кафе во зрно од марките „BONCAMPO“ и „INCAROM“, 111 парчиња миризливи свеќи, 20 пакувања влажни шамивчиња, и 64 парчиња облека.
Како што појаснуваат од ЦУ, тие биле пронајдени во повеќе торби и куфери во автомобил пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат.
Никола Ивановски