Србија понудила да испрати најмалку 8.000 вакцини од набавените дози за себе од „Фајзер“, додека стигнат во Македонија дозите предвидени преку Ковакс механизмот.
Информацијата ја лиферуваше премиерот Зоран Заев, кој ова го договорил утринава во разговор со српскиот претседател Александар Вучиќ.
„Понуднета помош од Србија преку претседателот Вучиќ ја прифативме. Утрово разговаравме, а деталите ќе ги договориме во текот на денот. Се работи за околу 8 000 вакцини од „Фајзер“, а за другите треба да ги потврдат преку договорите што ги имаат дали е можно да ги дадат. Јас сум многу благодарен од името на македонскиот народ до Србија и до српскиот народ за овој чин на пријателство“, изјави Заев утрово.
Заев рече дека во текот на денот ќе разговара со премиерката на Србија Ана Брнабиќ за детали за транспортот на вакцините, а најави и таков разговор на министрите за здравство.
Се очекуваат и првите договорени 5.850 вакцини од „Фајзер“ кои треба да пристигнат следниот месец, што се дел од договорот за набавка на 800.000 дози за 400.000 граѓани, како и дозите што ќе пристигнат преку Ковакс – механизмот.
Први, како што посочи Заев, ќе се вакцинираат медицинските работници, а потоа сите останати.