Компанијата за онлајн плаќања PayPal укинува околу 2.000 работни места, или 7% од својата работна сила, станувајќи една од најновите големи технолошки фирми кои ги намалуваат трошоците.
Американската мултинационална компанија вели дека била принудена да ја донесе оваа одлука бидејќи се соочува со „предизвикувачки макроекономски амбиент“.
Инаку, медиумите со денови пишуваат за колапс на технолошки компании кои отпуштаат десетици илјади работници и тоа само во последниот месец.
Оваа година, масовни отпуштања беа најавени од Alphabet (Google), Amazon и Microsoft, а Ден Шулман, извршен директор на PayPal, рече:
„Мораме да продолжиме да се менуваме додека нашиот свет, клиентите и конкурентите се развиваат“.
Вчера, Snap, матичната компанија на платформата за социјални медиуми Snapchat, предупреди дека приходите би можеле да паднат за дури 10% во трите месеци до крајот на март.
„Очекуваме работната средина да продолжи да биде предизвикувачка, бидејќи очекуваме непријатностите со кои се соочивме во текот на изминатата година да продолжат во првиот квартал од 2023 година“, им рече компанијата на инвеститорите.
По објавувањето, акциите на Snap паднаа за речиси 15% на Њујоршката берза.
Претходно оваа година, Амазон објави планови за укинување на повеќе од 18.000 работни места поради „неизвесна економија“ и „импулсивно“ вработување за време на пандемијата, кога онлајн трговијата беше во полн замав.
Исто така овој месец, Alphabet соопшти дека ќе укине 12.000 работни места, додека Мајкрософт рече дека до 10.000 од неговите вработени ќе останат без работа.
Минатата недела, шведскиот гигант за стриминг на музика – Spotify – рече дека ќе ја намали својата работна сила за 6%, а моментално има околу 10.000 вработени.