Јеменскиот воен командант Абед ал-Тавр изјави дека движењето Хути би можело да го затвори стратешки важниот теснец Баб ел-Мандеб доколку се донесе одлука за подиректно вклучување во конфликтот на страната на Иран против Соединетите Американски Држави и Израел, објави иранската телевизија „Прес ТВ“.
Според него, во случај на таква одлука, првиот чекор би можел да биде воведување формална поморска блокада на еден од најважните поморски премини во светот.
Ел-Тавр изјави дека во тој сценарио, бродовите што се движат кон САД и, како што рече, „окупираните територии“ би можеле да бидат запрени или контролирани.
Тој прецизираше дека мерките би се однесувале и на комерцијални и на воени бродови, вклучувајќи ги и носачите на авиони што минуваат низ овој дел од Црвеното Море.
Според неговите изјави, затворањето на Баб ел-Мандеб се разгледува како една од опциите доколку има понатамошна ескалација на конфликтот на Блискиот Исток.
„Прес ТВ“ потсетува дека Хутите претходно презеле акции против бродови поврзани со Израел во Црвеното Море.
Тие напади и запленувања, како што објавија во тоа време, беа израз на солидарност со Палестинците во Појасот Газа.
Теснецот Баб ел-Мандеб, кој го поврзува Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан, се смета за еден од најважните морски премини во светот.
Секое негово затворање би можело да има значителни последици за глобалната трговија и снабдувањето со енергија, бидејќи голем дел од сообраќајот меѓу Европа и Азија поминува низ овој пат.

