Како одговор на израелскиот напад врз меѓународниот аеродром во Сана, претставници на јеменските Хути објавија дека ќе ги ескалираат своите акции и ќе почнат да ги таргетираат израелските цивилни авиони.
Извори од Хутите за либанскиот весник „Ал Акбар“ изјавија дека „претстојните операции ќе се разликуваат по обем и содржина од претходните операции“ против Израел и дека милитантната група поддржана од Иран „ќе ги додаде цивилните авиони што му припаѓаат на израелскиот ентитет на списокот на цели“, објави денес „Тајмс оф Израел“.
Не е јасно дали групата поддржана од Иран го има потребното оружје за да ја спроведе својата закана, но претходно овој месец портпарол на Хутите потврди за „Њузвик“ дека групата добила „ново оружје“ способно да изврши „воздушна блокада“ на Израел, објави Танјуг.
Многу странски авиокомпании ги прекинаа своите летови до Израел на почетокот на мај откако балистичка ракета испукана од Хутите го погоди Меѓународниот аеродром Бен Гурион, оставајќи ги повеќето Израелци зависни од националниот превозник Ел Ал.