Во дворот на основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово денеска се одржа хуманитарен велигденски концерт под мотото „Подари насмевка, Велигден за сите“, со цел собирање средства за поддршка на ученици од социјално загрозени семејства.

На настанот присуствуваа претставници од Општина Куманово, предводени од градоначалникот Максим Димитриевски и претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, кои ја поддржаа оваа хумана иницијатива.

Пред многубројната публика, составена главно од деца и млади, настапија ученици од училиштето, како и популарни домашни изведувачи, меѓу кои Таско, Пајак и диџеј Боно. Програмата беше збогатена со музички и сценски точки, во чија организација активно учествуваа самите ученици.

Хуманитарниот концерт е во организација на Советот на родители при училиштето, во соработка со општествено одговорни компании и со поддршка на училиштето. Средствата се собираа преку доброволни донации, а на денот на настанот беа поставени и кутии за донации за сите посетители кои сакаа да придонесат.

Организаторите посочуваат дека ваквите активности не само што обезбедуваат конкретна помош за учениците на кои им е најпотребна, туку и поттикнуваат вредности како солидарност, емпатија и хуманост кај младите.

Настанот испрати силна порака до јавноста за важноста од заедништво и поддршка, особено во празничниот период, со надеж дека ваквите хумани иницијативи ќе продолжат и во иднина.
Никола Ивановски

