Обвинителството во Египет потврди дека најмалку 18 лица загинале во сообраќајната несреќа, а уште петмина се повредени кога камион со приколка удрил во минибус на автопатот во близина на градот Атфих, 100 километри јужно од Каиро, пренесува АП.
Агенцијата известува дека властите објавиле дека до несреќата дошло кога експлодирала гумата на камионот, поради што се превртел и се судрил со минибусот. Според досега достапните податоци, најмалку 18 патници загинале, а петмина биле повредени, и биле пренесени во блиските болници, а возачот на камионот бил уапсен.
Сообраќајните несреќи одземаат илјадници животи секоја година во Египет, а официјалната државна агенција за статистика наведува дека во 2019 година, последната година за која се достапни податоци, се случиле околу 10.000 сообраќајни несреќи, во кои загинале над 3.480 лица, пренесува АП.