Холандската полиција уапси 281 лице на забранет пропалестински протест

Сподели со своите пријатели

Холандската полиција уапси 281 лице на забранетиот протест за поддршка на Палестина на плоштадот Дам во Амстердам.

Loading...

Уредбата за вонредна состојба во холандската престолнина по немирите по натпреварот на Ајакс против Макаби Тел Авив минатата недела, ги забрани демонстрациите на плоштадот Дам.

Градските власти на демонстрантите им понудиле алтернативна локација во Вестерпарк, но тие вчера околу 18 часот почнале да се собираат во центарот на градот, по што интервенирала полицијата и го прекинала протестот при што уапсила 281 лице, пишува NL Times.

Огромното мнозинство, 265 лица, беа уапсени поради игнорирање на полициските инструкции да ја напуштат областа, а останатите поради поседување предмети што може да предизвикаат повреда или да го нарушат јавниот ред.

На социјалните мрежи кружат видеа како полицајци им викаат на демонстрантите и ги тепаат со палки, а полицијата објави дека ги истражува овие наводи, пренесува холандскиот портал.

Забраната за протести во центарот на Амстердам е на сила од петокот и доаѓа по нападот врз израелските фудбалски навивачи минатата недела, по фудбалскиот натпревар меѓу Макаби Тел Авив и Ајакс Амстердам, во кој беа повредени најмалку пет лица.

Холандската полиција уапси неколку лица по немирите во Амстердам во понеделникот, во кои беше запален трамвај и беа гаѓани со камења неколку возила, а се очекуваат уште апсења врз основа на видео снимката што моментално ја проучува полицијата, соопштено е.

Немирите избувнаа во понеделникот попладне во квартот Нив-Вест кога десетици вооружени мажи прво фрлаа камења врз автомобили и возила за јавен превоз, а потоа со петарди запалија трамвај, објави претходно NL Times.

Loading...